Вработените со договори на дело во струшките градинки од 01 ви февруари на протест
Дваесеттина воспитувачки и негователки од двете струшките градинки денес го кренаа гласот. Велат со години се ангажирани со договори на дело без здравствено и пензиско осигурување, за 10 000 денари месечно.
Разочариани и револтирани бараат итно да им се реши статусот, да добијат редовно вработување, или минимална плата со здравствено осигурување, во спротивно од следниот месец во знак на протест нема да одат на работа, а градот ќе се соочи со проблем за згрижување на децата.
„Работиме со договор на дело, земаме до 10 000 денари. Од први февруари ни кажаа дека платата ќе ни биде 5000 ден. Немаме никакво осигурување, ни здравствено. Овој проблем е со години ја известивме и општината, ги бараме нашите права но немаме никаков успех“, вели Даниела Јуловска негователка ангажирана со договор во градинка Струга.
„Се пријавуваме во Завод како невработени што е бесмислено. Групите се многу големи, кај нас конкретно во јасли оваа година имаме по 28/29 деца што е навистина енормна бројка и капацитетот на вработените е намален. Кај нас треба да се зголемува а не да работиме за смешни плати“, вели Весна Маркоски воспитувачка ангажирана со договор на дело.
Поддршка добија и од редовно вработените колеги, кои велат одговорноста е голема, без ангажираните договорци нема да може да работат и двете градинки во Струга.
„Мојата група ќе остане без негователка со 28 запишани деца треба да работам сама. А што со оние групи кои немаат ниту еден без решение тие треба всушност да се затворат и да ги вратиме децата од 01 февруари да не доаѓаат во градинка“, вели Симонка Јаканоска, редовно вработена во градинката пеперутка Струга.
Директорката на градонаката Јулијана Ложанкоска во април минатата година поднела барање за вработуавње , но било одбиено од страна на Министерството за туд и социјала. Во неможност да го реши проблемот пред неколку денови директорката поднесе оставка.
Новинар Соња Рилковска