Skip to main content

Пожар во станбена зграда

Загрозена живеачката на стружани во зграда

Загрозена им е безбедноста подолго време од две станарки кои живеат на прв и петти спрат. Соседките собираат разни видови отпад кој го користат за греење. Повозрасната станарка, со ментално нарушување, синоќа, предизвикала пожар во кој посериозно настрадала. За среќа зградата не летна во воздух, велат станарите додавајќи дека затиле надлежните служби до кои се обраќале за помош во многу наврати.
 |  Валентина Неловска  | 

Пожар во станбена зграда ги вознемири станарите од станбениот блок на улица Маршал Тито бр 135 во Струга. Синоќа,околу 19 часот, во пожар потешко настрада старица која предизвикала експлозија од плинска боца. 22 семејства, станари од првиот влез, стравуваат за својата безбедност која им ја загрозува сосетката подолго време. Соседите раскажуваат дека нивната 82 годишна сосетка е со нарушено ментално здравје.

Жената има стан на првиот спрат од зградата, но е затрупан со отпад. Повеќе од 10 години живее во гаража во зградата, каде што продолжила да складира најразлични видови отпад, раскажуваат нејзините соседи. Кажуваат дека се шири неподнослива реа, се собираат животни, а стаорци се шетаат по заедничките простории. Досега не дале резултат ни разговорите со старицата, а ниту обраќањето за помош до институциите, вели Зоран Манојловиќ, претседател на заедницата на станари. Напоменува дека се се завршувало со собирање на ѓубрето еднаш до два пати годишно од комуналното пртпријатие, но не се превземало ништо со жената, па синоќа се случила несреќата.

Наша претпоставка е дека синоќа околу 19 часот и е падната, веројатно свеќа, која го зафатила ѓубрето кое пламнало. Се слушна експлозија, мислев дека е петарда, но по 5 минути се случи поголема експлозија. Излегов надвор, жената беше во пламен. Континуирано сме под стрес 10 години, страшно е. Пријавивме 10 пати до разни институции .Никој не ја згрижи госпоѓата во соодветна институција“, вели Манојловиќ.

Вистински кошмар е животот на станарите од зграда на улица Маршал Тито во Струга. Станарите раскажуваат дека покрај овој случај во истиот влез имаат уште еден сличен проблем. Сосетка со две мали деца која живее на петти спрат, исто така, складира и употребува за греење разни видови отпад повеќе од две години. Се грее во несоодветно ќумбе, велат соседите. Заедничките простории и ходникот ги претворила во складиште од кое станарите не можат да пристапат до своите станови. Соседот Панто, напоменува дека најмногу се загрижени да не се случи нов пожар од несоодветната употреба на грејното тело и да не се повтори синоќешната случка.

„Имавме среќа сите заедно. Ако за 5 минути не дојдеше пожарната кола, ако закаснеше ќе отидеше пола зграда. Во иднина да не се дозволи да се случи ова. Службите за заштита на околината и на станарите да делуваат превентивно. Без превенција нема иднина и заедничко живеење“, вели загрижено соседот Панто.

Стружани, од станбениот блок на улица Маршал Тито бр. 135, ги повикуваат инспекторите и комуналното претпријатие да ги расчистат купиштата ѓубре од опожарената гаража и станот којшто го загрозуваат животот на станарите во колективната станбена зграда. Исто така, повикуваат увид да направат и социјалните служби во семејството кое прима социјална помош и да реагираат навреме за да не се случи посеризона катастрофа.