Со законско решение за плажите ќе се воведува ред на охридско-струшкото крајбрежје
Струга најавува крај на узурпацијата на плажите. По години нерегулирано поставување урбана опрема и работење без јасен правен статус, се подготвува посебен закон за охридското крајбрежје.
Целта е конечно да се воспостави ред. Ќе биде прецизирано на кои локации, на колкава површина каква урбана опрема и објекти ќе може да се поставуваат.
„Нормално дека тој проблем што е направен со децении не можеме ние како општина сами да го решиме. Веќе имаме контакт и со Министерството за транспорт и врски, со министерот Николовски и со премиерот. Верувам дека заедно ќе го најдеме најадекватниот начин да се реши и овој проблем нема повторно да остане нерешен.”, вели Менди Ќура градоначалник на општина Струга.
По истекот на концесиите, концесионерите не ги вратија плажите во првобитна состојба, туку продолжија со работа. И покрај најавите за уривање, времените објекти станаа трајни.
„Концесиите беа издадени во 2011 година, со рок од пет години, по што плажите требаше да се вратат во првобитна состојба. Но, ако некој инвестирал 200 или 300 илјади евра, не е логично целосно да ја врати плажата без дополнително решение – затоа мора системски пристап.”, вели Ќура.
Проблемот со плажите на охридско-струшкото крајбрежје се провлекува со години, новиот закон се очекува да биде финализиран до почетокот на летната сезона.