Skip to main content

Започнува изградбата на системот за одведување на фекални отпадни води во село Враништа

Премиерот Христијан Мицкоски денес присуствуваше на поставувањето темелник за почеток на градежните активности во Враништа, а воедно изврши увид и во тековните инфраструктурни активности низ Струга.
 |  инфодеск  | 

Започна реализацијата на капиталниот проект за изградба на систем за одведување на фекални отпадни води во село Враништа. Проектот има за цел подобрување на комуналната инфраструктура и заштита на животната средина, а неговата вкупна вредност изнесува 1,4 милиони евра. Со овој зафат се решаваат долгогодишните проблеми на жителите, кои поради излевање на септичките јами често се соочуваа со фекални поплави.


„Ова е петти проект што се реализира во општина Струга, исто така имаме уште три проекти кои отпочнуваат овој месец. Сите осум проекти се околу 9 милиони евра инвестиција. Ние сме денеска тука и ќе продолжиме да работиме за општина Струга и да покажеме дека толку проекти не се реализирале во последните петнаесет години“,
изјави градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура.

Премиерот Христијан Мицкоски денес присуствуваше на поставувањето темелник за почеток на градежните активности во Враништа, а воедно изврши увид и во тековните инфраструктурни активности низ Струга.

Во Општина Струга привршува изградбата на улицата „Туристичка“, која ја поврзува населбата Езерски Лозја со центарот на градот. Оваа сообраќајница претставува еден од клучните инфраструктурни зафати за подобрување на урбаната поврзаност и сообраќајниот проток.


„Владата со својата работа го разбива оној стереотип од минатото дека сите политичари се исти, дека сите влади се исти и гледаат само за себе. Ценам дека со нашата посветена и фокусирана работа, во рамките на можностите и ресурсите, го правиме тоа што можеме во интерес на граѓаните. Ќе повторам дека чуда не се можни, но за граѓаните да добијат поквалитетен живот и да го подобриме нивниот живот, тоа е нашата инспирација и затоа сме максимално посветени“, рече Мицкоски.

Инвестицијата во новата сообраќајница изнесува околу 3,3 милиони евра, средства обезбедени од Владата преку Министерство за транспорт, како дел од заложбите за унапредување на локалната и регионалната инфраструктура.