Skip to main content

Започна карневалското лудило во Вевчани

Во Вевчани карневалско лудило. Зурли, тапани, ора и стотици маски продефилираа по вевчанските улици. Во фокусот на карневалот беше енергетската и економската криза, европската интеграција на земјава, преговорите со Бугарија, војната во Украина. Првиот човек на општина Вевчани ја повика јавноста да не замерува за маските, бидејки василичарите немаат намера да навредат никого ни по верска, ни по национална основа.
 |  инфодеск  | 
Вевчански карневал

Во падините на Јабланица карневалското лудило. Вевчани денес наликува на слободен театар без граници со многу хумор и сатира. Зурли, тапани, покрај традиционалните зетот и невестата, Глупавиот август и ѓаволите, низ вевчанските улици продефилираа стотици маски.

Во фокусот на карневалот беше енергетската и економската криза, европската интеграција на земјава, спорот со Бугарија, војната во Украина, изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Низ улиците прошетаа и министерката за одбрана Славјанка Петровска, Жан Митрев и покојната кралица Елизабета.

Вевчански карневал

Првиот човек на општина Вевчани ја повика јавноста да не замерува за маските, василичарите немаат намера да навредат никого, тие се коректор на власта.

Вевчанскиот карневал привлекува голем број туристи од земјава и светот, но и новинари и фотографи кои се воодушевуваат од изворната традиција.

Некој ми ги покажа фотографиите од Вевчанскиот карневал се воодушевив колку е уникатно и старо ова карневалско случување, кое ја продолжи традицијата и во време на пандемијата и затоа дојдов – изјави Герен Смит, фотограф од Амстердам.

Вевчански карневал

Вевчанци со карневалот ја слават Стара Нова година, со маските и ритуалите се обидуваат да го избркаат злото. Пишаните извори сведочат дека Вевчанскиот карневал е стар најмалку 1.500 години. Денес овој настан е интересно и необично преплетување на паганските со христијанските обичаи.

Карневалот завршува утре со последното василичарско оро и ритуалното палење на маските.

Вевчански карневал

Новинар : Соња Рилковска