Започна фестивалот на народна култура „Пображење“ во Вевчани
Стартуваше тринаесеттиот по ред фестивал на народна култура „Пображење“ во Вевчани. Синоќа со дефиле по вевчанските улици, Вевчани пулсираше во духот на народната култура и традиција.
На просторот пред Мултикултурниот центар, посетителите имаа можност преку ревијата на народни носии и песни и ора од Леринско Поле, насловена „Моштенки“ на Филип Јаковлески, да се запознаат со етнолошкото богатство на овој крај.
И годинава на фестивалот учествуваат ансамбли од земјата и странство, истакна Тошо Чочороски, директор на фестивалот.
„И оваа година се потрудивме да обезбедиме содржинска програма на нашиот фестивал, каква што доликува на Вевчани и на нашата држава. Се трудевме фестивалот да си ја задржи својата автентичност, разноликост и посебност, при што во иднина уште повеќе ќе работиме во таа насока. Не радува што интересот за фестивалот од година во година е се поголем, истакна Чочороски.
Ден претходно, на различни локации низ општината децата од ликовното студио „Св.Кирил и Методиј“ од Битола, сликаа, додека бројните посетители вечерта можеа да уживаат во нивните уметнички творби, на изложбата насловена „Народната култура во Вевчани, инспирација за младите ликовни уметници“.
Вечерва на програмата е дефиле на учесниците и нивните настапи, а фестивалските денови завршуваат утре на празникот „Преображение“ со концертот на „Ансамблот Македонија“.
Фестивалот „Пображење“, покрај зазачувување, на македонското етнолошко и културно богатство има за цел да ги поттикне културно уметничките друштва, да го истражуваат македонскиот фолклор, а за ансамблот кој најдобро ќе го презентира културното богатство, е резервирана плакетата „Чувари на изворната традиција“.