Skip to main content

Вечерва започнува десеттото јубилејно издание на фестивалот на краток филм „Дрим шорт“

Отворањето на фестивалот ќе биде проследено од концерт на Дина Јашари.
 |  инфодеск  | 

Вечерва започнува десеттото јубилејно издание на фестивалот на краток филм „Дрим шорт“ кој ќе трае од 5 до 9 август во Струга кога ќе бидат прикажани 42 кратки филма. Главната програма на фестивалот ќе се одржи во Паркот на Поезијата, додека останатите настани се распределени во „ЕУ Хаус Струга“, мезе-бар „Кингстон“ и кафе-бар „Дуќан“.

„„Десет години пловиме… Имавме мирни утра каде што сѐ изгледаше можно, но имавме и бури што нѐ тестираа дали веруваме во она што го создаваме. Секој бран нѐ научи да пловиме подобро, секоја капка слеана во нашето езеро ни даде надеж и го направи езерото поголемо. Со многу љубов кон филмската уметност, секоја година заедно со публиката и нашите драги филмски пријатели стануваме еден мал брег каде што филмот станува дел од летото на Струга и дел од приказната на сите што поминале низ него. Секоја година ја боиме реалноста со малку убавина. Оваа година не славиме само јубилеј. Ги славиме сите капки слеани во ова наше езеро – секој автор, секој филм, секој гледач, секој волонтер. Ниту една приказна не се создава сама. Капка по капка – езеро““, велат од тимот на „Дрим шорт“.

Специјални гости на јубилејното издание на фестивалот се двајца реномирани сценаристи, Пјер Хоџсон и Масимилијано Нардули, чија раскажувачка креативност е вградена во многу врвни дела на европската кинематографија кои ќе одржат мастеркласови.

Во текот на пет фестивалски денови, филмовите се поделени во пет натпреварувачки програми: Меѓународна, Регионална, Национална, Студентска и Специјалната програма „Соочување со минатото“ во соработка со „Про Пис Северна Македонија“. Жирито го сочинуваат меѓународни интернационални филмски уметници: Масимилијано Нардули, сценарист, Верица Недеска, актерка, Цанко Василев, продуцент, и Гледис Бица, режисер.

На ова јубилејно издание ќе биде реализирана специјалната програма „Студенти во фокус“, каде ќе се прикажат уште 6 македонски, студентски филмови, а за нивната работа публиката и авторите ќе имаат можност да разговараат со актерот Никола Ристоновски – додаваат од тимот на „Дрим шорт“.

Во соработка со Амбасадата на Кралството Холандија во рамки на програмата ќе се реализира „Холандска вечер“, каде ќе се прикаже програма од 5 кратки холандски филмови.

Бидејќи ниту едно филмско искуство не е комплетно без музика, така и фестивалот не може без Музичката ОФФ-Програма. Отворањето на фестивалот ќе биде проследено од концерт на Дина Јашари.

Влезот за сите настани е бесплатен.