Под мотото „Каде што живее поезијата“, денеска во Струга започнуваат јубилејните 65-ти Струшки вечери на поезијата

Под мотото „Каде што живее поeзијата” од денес до 29 јуни ќе се одржи јубилејното 65-то издание на најпрестижната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата. Традиционално, манифестацијата започна утрово со садење дрво и поетско читање во Паркот на поезијата Годинава околу 70 поети, критичари и литературни работници од земјава и странство, ќе имаат единствена можност да творат, да се инспирираат и да создаваат нови стихови покрај брегот на Охридското Езеро и водите на реката Црн Дрим.

-Имено, станува збор за малку поинаков формат во споредба со претходните години и на тој начин ја враќаме, донекаде, славата и големината на Струшките вечери, какви што биле некогаш, а желбата е таа тенденција и понатаму да се развива.Во поглед на издавачката дејност, оваа година ќе биде исто така запаметена по еден број печатени книги, станува збор за 14, како монографски изданија, односно монографии и антологии, истакна Никола Кукунеш директор на СВП.
Градот на мостовите и оваа година ќе биде светска престолнина на поезијата. Во рамките на манифестацијата ќе бидат промовирани 14 наслови, изданија на НУМ Струшки вечери на поезијата. Програмата предвидува 40 тина настани и меѓународни поетски читања и промоција на 12 публикации.

-На фестивалот годинава ја имаме Анеке Брасинга како добитничка на наградата „Златен венец” на Струшките вечери на поезијата.Ми претставува особена чест што токму нејзиното творештво овојпат е чествувано за време на фестивалот и што холандската литература, во својот голем опсег, е наградена и ставена во фокус. Особено ми е мило што одлуката на Управниот одбор за доделување на „Златен венец” беше едногласна и навистина сите со воодушевување ја донесоа таа одлука, кажа уметничкиот раководител Мите Стефоски.

-Како поет и преведувач, сакам да бидам мост меѓу различни книжевни традиции.Поетските фестивали, како Струшките вечери на поезијата или Poetry International во Ротердам, продолжуваат да постојат затоа што создаваат простор за дијалог.За мене, поезијата е местото каде сите различни гласови, како што зборува Валтер Бенјамин, се спојуваат во симболична и метафорична комуникација., рече Анеке Брасинга, добитничка на наградата „Златен венец”.
Свеченото отворање на јубилејното издание на Струшките вечери на поезијата е вечерва во 20:30 часот во Центар за култура „Браќа Миладиновци” во Струга, по што ќе следува меѓународното поетско читање „Поетски меридијани”. Годинашното фестивалско издание подигнато на едно повисоко организациско ниво, ќе трае шест денови.

Соња Рилковска




