Зголемен бројот на кражби во струшко
Зголемен бројот на кражби во струшко. Мета на крадците се куќи, станови, деловни објекти. Ограбени беа и канцелариите на општинската зграда во Струга. Не се поштедени и верските објекти, регистрирани се три кражби во џамии и една во црква.
Најчесто крадците одземаат пари, накит, компјутери, лаптопи и други вредни предмети. Од СВР Охрид велат зголемена е и ефикасноста во расветлување на овие кривични дела.
Зголемена е и откривачката функција на полицијата, така да во изминатиот период за сторените казнени дела кражби и тешки кражби на подрачјето на Струга ОВР Струга има поднесено вкупно 73 кривични пријави. Значајно е што се пронаоѓаат сторителите и со кривични пријави се изнесуваат пред правосудните органи – вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Граѓанските активисти сметаат дека порастот на кражби се должи на исклучување на јавното осветлување во градот и околината.
Овие рестрикции на јавното осветлување доведоа и до зголемување на степенот на криминал во самата општина. Сведоци сме на неколку кражби извршени во изминатиот период меѓу кои и на самата општина Струга – вели Глигор Ќато, активист од Струга.
Лани во Струга имало 89 „тешки кражби” и 62 „кражби”. Годинава заклучно со октомври, регистрирани се 113 дела „тешка кражба” и 63 дела „кражба”.
Новинар : Соња Рилковска