Зијадин Села седна во градоначалничката фотелја
Јас сум од денеска градоначалник на сите граѓани на Струга и овој мандат ќе го искористам за доброто на сите без разлика на нивното етничко, политичко и верско убедување – изјави Зијадин Села на чинот на примопредавање на градоначалничката функција во Струга.
Зијадин Села од денеска и официјално е новиот градоначалник на Струга. Од страна на општинската изборна комисија, на новиот градоначалник, Села, му беше врачено уверението со што му беше верификуван четиригодишниот мандат.
Во своето обраќање на свечениот чин, Села вети дека ќе биде градоначалник на сите стружани, без оглед на нивната етничка, верска или политичка припадност.
„Јас се надевам и посакувам во иднина исто како и денес, во ваква атмосфера, како што денес ја примам функцијата, да бидат и изборите во иднина. Ваква атмосфера, да славиме, бидејќи изборите се за доброто на граѓаните, а не се ден кога граѓаните треба да бидат исплашени, кога треба да бидат уценети. Јас сум градоначалник од денеска на сите граѓани на Струга и овој мандат ќе го користам за доброто на сите граѓани на Струга безразлика на етничко, политичко и верско убедување. Благодарам и се надевам дека после четири години, Струга ќе ја гледаме во поинаква слика.“-рече градоначалникот на Струга, Зијадин Села.
Во општинската зграда во Струга, новиот градоначалник имаше кратка средба зад затворени врати со неговиот претходник, Рамиз Мерко. Граѓани и симпатизери на ДПА, собрани во голем број пред општинската зграда, му дадоа подршка и му посакаа успех во извршувањето на функцијата. Инаку Зијадин Села, кандидатот на ДПА, победи на локалните избори во Струга по прегласувањето на вториот круг.
{loadposition content9}