Ќе ѕирне ли антички Мегалополис од Враништа
Дали позицијата на античкиот Мегалополис е во Враништа? Најновите археолошки ископини кои деновиве се изведуваат на т.н. локалитет „Црквени ливади“, треба да дадат клучни информации за да се потврди тоа, сметаат струшките археолози.
После 30 години се отвора поле за истражување на т.н. локалитет „Црквени ливади“, во струшкото село Враништа. Експертите по археологија очекуваат дека тука лежат клучните информации за конечно решавање на кубикацијата на античкиот Мегалополис за кој досега се сметаше дека е во Враништа, но неговата позиција била нејасна. Директорот на НУ Музеј Др Никола Незлобински, Сашо Цветкоски, рече дека во моментов на локалитетот Црквени ливади се изведуваат контролни истражувања каде во седумдесетите години веќе била завршена археолошка кампања и биле пронајдени одредени предмети, како и докази за постоење на наколно живеалиште, кое било идентично со тоа на Устието на реката Црн Дрим и Врбник.
„Сега ние ја проверуваме таа состојба и отворивме една мала сонда за да ја провериме стратографијата на самиот локалитет и одма после 50 сантими почнува да излегуваат тие културни слоеви и ја потврдуваат оние наоди низ целата онаа документација која ја имаме во музејот. Така да се работи за една преисториска населба која егзистирала на еден поширок простор не само овде се работи за наколна населба со еден поголем хронолошки период на живеење“-вели Цветкоски.
Тој кажува дека на локалитетот забележале големо присуство на керамика и тоа не обична туку и полуксузна, со одредени орнаменти што било реткост за тој период. Додава, дека во моментов допреле до мошне значаен културен слој, кој пак отвора поле за понатамошни истражувања и проширување на теренот за срхеолошки ископувања.
„Сега моментално дојдовме до еден културен слој на куќи постојано за живеење што ни потврдуваат и подовите кои ги откривме, значи само еден дел од таа неолитска куќа сега засега имаме лоцирано и откриено а наредните денови ја прошируваме сондата да го фатиме обемот на тој барем еден објект“.
За ова значајно контролно испитување ресорното министерство одобрило средства во висина од 150 000 денари, што според Цветкоски се сосема доволни. Но тој очекува дека многу поскапоцени и повредни ќе бидат наодите кои би требало да потврдат дека античкиот Мегалополис е во Враништа, за кое место до ден денес не е потврдена неговата точна позиција.
{loadposition content9}