Водачот на еквадорската банда Адолфо Масијас Виљамар, инаку познат по прекарот Фито, вчера беше екстрадиран во САД, еден месец откако беше фатен, а во САД ќе се соочи со обвиненија за трговија со дрога и оружје.
Фито беше повторно уапсен во јуни, една година откако избега од затвор со максимална безбедност, каде што отслужуваше 34-годишна казна за низа кривични дела. Неговиот адвокат за Ројтерс изјави дека тој денеска ќе се појави пред федералниот суд во Соединетите Американски Држави за да се изјасни за невин по обвиненијата за меѓународна трговија со дрога и оружје.
Тој е првиот еквадорски државјанин кој е екстрадиран од неговата земја откако новиот закон стапи на сила пред една година.
Масијас беше водач на бандата Лос Чонерос, која има врски со моќни криминални организации од Мексико и Балканот. Тој е осомничен и за нарачување на убиството на претседателскиот кандидат Фернандо Виљавиченсио во 2023 година. Бандата Лос Чонерос многумина ја обвинуваат за претворање на Еквадор од туристичка дестинација во една од земјите со највисока стапка на убиства во регионот.