1,1 милион луѓе имаат рок од 24 часа да се евакуираат од северна Газа
Израелските власти им дадоа рок од 24 часа на Палестинците да се евакуираат од северна Газа. Ова предупредување било дадено на полноќ, додека Израел се подготвува за теренска офанзива на Газа со војска, тешка артилерија и тенкови кои се распоредуваат на границата со регионот. Во меѓувреме Газа секојдневно е пета на израелски ракетни напади откако во саботата милитантната група Хамас организираше изненадувачки напад врз Израел.
1,1 милиони жители, што е половина од популациајта на Газа треба да го напушти подрачјето. Светските медиуми објавуваат фотографии од жени и деца од Газа како се подготвуваат за евакуација и заминуваат од своите домови. Од Палестинската Црвена полумесечина во Газа изјавија дека е невозможно да се евакуираат безбедно сите жители во еден ден бидејќи тоа би значело напуштање на овие подрачја на по 40.000 луѓе во еден час, лекарите од северна Газа веќе одбија да го напуштат теренот.
„Обединетите нации сметаат дека вакво преселување на населението е невозможно без огромни хуманитарни последици. Апелираме ваквата одлука да се повлече и да се избегне тоа што веќе е трагедија да се претвори во катастрофална ситуација“, се вели во соопштение до јавноста на ОН.
Од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи побараа државите да обезбедат 294 милиони долари во средства за итна поддршка на најнеопходните потреби на Палестинците.
Од Израел одговорот на ОН на барањето за евакуација го оценија како „срамен“. Гилад Ердан, амбасадорот на Израел во ОН, вели дека се дава рано предупредување на жителите на Газа со цел да се „минимизира штета на оние кои не се вмешани“ во воената операција против Хамас.
Претставниците на Хамас им порачаа на граѓаните од северна Газа да не го слушаат ултиматумот на Израел. Тие ваквата наредба ја нарекоа лажна пропаганда и ги повикаа граѓаните да ја игнорираат. Но, оваа милитантна група долго време беше критикувана од меѓународната заедница за користење на цивилите како жив штит – ставајќи ги во опасност невините луѓе за да ги заштитат своите борци.
Од почетокот на војната, во нападите на Хамас загинале најмалку 1.300 Израелци, додека најмалку 150 заложници и понатаму се киднапирани во Газа. Во одговорот на Израел досега загинале 1.400 луѓе во Газа, додека најмалку 338 илјади лица се раселени.