Србија сериозно ја сфатила можноста за опасност од ширење на ебола и ја држи ситуацијата целосно под контрола, а почнала мерење на телесната температура на патниците кои доаѓаат од критичните подрачја, изјавил за RTS српскиот министер за здравство Златибор Лончар.
“Се придржуваме на сите препораки на Светската здравствена организација”, рекол Лончар, објаснувајќи дека на меѓународниот аеродром, Никола Тесла, по примерот на САД, почнало мерење на телесна температура на патниците кои стигнуваат во Белград од критичните подрачја.
“Бидејќи еболата пристигна во Европа, одиме на подигнување на нивото на безбедност. Денес на белградскиот аеродром од 17 часот започна мерење на температура, пристигнаа топломерите”, рекол Лончар, напоменувајќи дека почнала и набавка на заштитна опрема, а нагласил и дека нема причина за паника бидејќи се ова превентивни мерки.
Здравствените власти на Србија одредиле и место за карантин доколку се појави еболата во Србија, а тоа е хотелот Национал, на автопатот Белград – Загреб, а таа одлука и официјално треба да ја потврди владата.
Од понеделник, како што најавил Лончар, седум специјализирани екипи ќе тргнат низ Србија и ќе започнат едукација на сите оние кои поради природата на работата би можеле да бидат изложени на ризик од зараза од вирусот ебола.
“Нема место за паника. Оваа работа ја држиме под контрола”, нагласил српскиот министер, истовремено апелирајќи да не се шпекулира со изјави и коментари кои би можеле да предизвикаат паника во јавноста.
{loadposition content9}