ковид пандемија
Албанија го укина полицискиот час
Во Албанија се укинува полицискиот час, воведен во средината на ноември 2020 година, кој траеше од 23 до 6 часот.
| Јасна Стојаноска | Свет
Албанскиот технички комитет на експерти за справување со пандемијата, денеска одлучи да се укине полицискиот час, воведен во средината на ноември 2020 година, кој траеше од 23 до 6 часот.По направената процена на епидемиолошката состојба во земјата сè уште останува во сила мерката за носење заштитна маска во затворени простории и на места каде што не може да се одржи растојание.
Во земјава има постојано подобрување. Се укинува полицискиот час, останува мерката заразените да останат изолирани пет дена, носењето заштитна маска во затворени простории и каде што не може да се одржува растојание. Подобрувањето на оваа состојба доаѓа од процесот на вакцинација. Мораме со интензитет да продолжиме со овој процес и да почнеме со имунизација и на деца над 12-годишна возраст – информираше Мира Ракацоли, претседателка на Комитетот и заменик министерка за здравство.Исто така во сила останува и мерката со која за влез во земјата треба да се поседува сертификат за примени две дози вакцина, како и онаа со која на спортски и културен настан или други собири се дозволува исполнетост од 30 отсто од капацитетот.Ракацоли рече дека последната недела од февруари забележано е намалување на новите случаи на заразени со Ковид-19 во земјата и дека во моментов има 2.211 активни случаи, од нив 50 се хоспитализирани при што 70 отсто во тешка состојба.Според неа од почетокот на пандемијата во март 2020 година во земјата направени се 1.745.320 тестови, вирусот е потврден кај 271.702 лица, закрепнале 266.010 додека починале 3.472 лица.