Албанија го отвори Кластерот 4 – „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ во преговорите за членство во ЕУ

По отварањето на преговорите во јули 2022 година, Албаија значително работи на спроведување на реформите кои ги бара Европската Унија. Амбицијата на владата е земјата да стане полноправна членка до 2030 година, но, како што неодамна изјави комесарката за проширување, Марта Кос, таа е оптимистка во врска со членството на земјата до 2029 година.
Европската комесарка ги пофали албанските власти за реформите спроведени во последните години, додавајќи дека не е лесно да се отворат кластери, но дека е уште потешко да се затворат поглавјата и дека Албанија мора да продолжи да спроведува реформи, особено во областите на судските реформи, борбата против корупцијата, правата на малцинствата и слободата на медиумите.

Данската министерска за европски прашање Мари Бјере по одржувањето на шестата Меѓувладина пристапна конференција Албанија-ЕУ, на која беа отворени преговорите по Кластерот 4 – „Зелена агенда и одржлива поврзаност“, изјави дека „денешната Меѓувладина конференција означува чекор напред за проширувањето и покажува дека вистинските реформи носат вистински резултати“.
Инаку, од октомври минатата година до мај оваа година, Албанија отвори четири кластери – 1 (фундаментални), 2 (внатрешен пазар), 3 (конкурентност и инклузивен раст) и 6 (надворешна политика). Тоа подразбира дека за само осум месеци таа отворила 27 преговарачки поглавја. Единствениот кластер кој останува неотворен е Кластерот 5, кој се занимава со ресурси, земјоделство и кохезија, а кој, според информациите од медиумите, треба да биде отворен на 2 октомври.







