Најголемиот интернет трговец, Amazon, во вторникот претстави сопствен видео сервис, Video Direct, наметнувајќи се како остра конкуренција на YouTube на Google. Највоочливата предност на каналот на Amazon во однос на YouTube е тоа што Video Direct на корисниците ќе им овозможи поставување на видеа и заработка од прегледување на содржините, како и профит од прикажување на реклами.
Во соопштението на Amazon стои и тоа дека корисниците сами ќе можат да одберат за колку претплатници е наменето видеото кое ќе го постават на новата платформа на Amazon и да ги предвидат приходите. Со тоа им се осигурува потполна контрола над содржината, порачуваат од Amazon.
Гледачите на содржините на Video Direct можат да купуваат и изнајмуваат, но и да гледаат бесплатно со рекламен материјал. Новата услуга Amazon ќе ја поврзе со постоечкиот стриминг, Amazon Prime, што значи дека компанијата во старт има неколку десетици милиони корисници, а во комбинација со содржините на Prime, Amazon му конкурира и на Netflix.
Новата услуга на Amazon за почеток е достапна во САД, Германија, Австрија, Јапонија и Велика Британија.