Цената на златото во понеделникот падна за 4% и по прв пат по пет години падна под нивото од 1.100 долари по унца што е последица на очекувањата дека наскоро ќе бидат зголемени каматите во САД. Цената на азиските берзи се продаваше по 1.088 долари и е најниско ниво од март 2010 година.
Инвеститорите обично купуваат злато во периоди на големи нестабилности на светските финансиски пазари бидејќи златото е сигурно за вложување во капитал во нестабилни времиња.
Меѓутоа, од минатата недела златото е под притисок на се поизгледното зголемување на каматите во САД до крајот на годината, со оглед на тоа дека таму стопанството е под стабилен раст, а истовремено доларот добива на вредност.
Цената на златото е под притисок, исто така, и поради ниското ниво на инфлацијата во најголемите светски стопанства, па златото го изгуби сјајот како осигурување во период на јакнење на инфлациски притисоци.
Истовремено во Кина, најголемиот потрошувач на злато во светот, се објави дека на крај од јуни резервите на злато биле за 57% поголеми од пред шест години кога последен пат беа објавени податоци за резервите. И покрај тој раст, златото сега сочинува само 1,65% од вкупните девизни резерви на кинеската централна банка, додека во 2009 година уделот на златото изнесувал 1,8%.
“Пазарот на злато технички делува слабо, а најголемиот купец, Кина, сега продава злато, додека досега купуваше за време на паѓањето на цената. Тоа е причината на сегашниот пад на цената на златото”, вели Victor Thianpiriya, аналитичар во ANZ банката во Сингапур.
Заедно со цената на златото, остар пад доживеа и цената на платината.