Црна Гора слави 20 години независност со Дино Мерлин и Рики Мартин

Црна Гора денеска одбележува 20 години независност. Според истражувањата на јавното мислење, денес идејата за независна Црна Гора би ја поддржале околу 70 отсто од граѓаните.
На референдумот гласале 86,5 отсто од вкупниот број избирачи. Независноста ја поддржале 55,5 отсто, додека, пак, за останување во заедничка држава со Србија биле 44,5 отсто од граѓаните. Кампањата за независност ја предводеше лидерот на Демократската партија на социјалистите, Мило Ѓукановиќ. Референдумското прашање гласеше: „Дали сакате Република Црна Гора да биде независна држава со полн меѓународноправен субјективитет?“
Референдумската кампања помина во атмосфера на тензии меѓу поддржувачите на Блокот за независна Црна Гора и просрпските партии собрани во Блокот за заедничка држава со Србија. Малцинските народи беа дел од блокот за независност. Дваесет години по референдумот, Црна Гора е меѓународно призната држава, членка на НАТО и „прва следна“ кандидатка за членство во Европската Унија, но и земја со длабоки поделби и силно влијание на Српската православна црква.
Прославата на јубилејот ќе биде заокружена со концерти во Подгорица и на Цетиње, каде ќе настапат Рики Мартин и Дино Мерлин.







