Социјалните мрежи за многумина станаа своевиден сурогат за реалниот живот, а најмногу тоа се однесува на најпопуларната мрежа на светот Facebook. Парадоксално е тоа што сите се згрозуваме од нарушувањето на приватноста и воајеризмот на интернет, а во исто време со забрзан ритам се објавуваат постови кои се однесуваат на интимата, вклучувајќи ги и фотографиите. Но, тоа е цената на лудите технолошки времиња во кои се живее и границата помеѓу виртуелното и реалното е тешко приметлива и тоа што ниту во лудило не се прави во реалниот живот се прави на социјалните мрежи…
Особено во овој поглед се загрозени децата, чии фотографии, секако во најобра намера, родителите ги објавуваат на интернет а при тоа не разбирајќи ја потенцијалната опасност.
Кога веќе некои родители не размислуваат каква штета можат да им направат на своите деца со нивната објава, тогаш во некои држави тоа го прави законот. На пример, во Франција се води жестока расправа токму на оваа тема, а родителите се предупредени дека еден ден нивните сопствени деца ќе можат да ги тужат што објавиле нивни фотографии на Facebook. Веќе се шпекулира и за потенцијални суми кои децата би можеле да ги бараат од своите родители како и за казните, па така се споменува сума од 45 илјади евра како отштета и едногодишна затворска казна за родителите кои ќе завршат на суд откако ќе бидат тужени од своите деца. Секако дека ова предизвикало бројни контроверзи, но експертите тоа го објаснуваат со грижа за приватноста на малолетниците.
“Сите сме свесни дека децата во одредени фази не сакаат да бидат фотографирани, а уште помалку сакаат нивните фотографии да ги гледаат познати и непознати или во уште полоши ситуации тие фотографии да бидат злоупотребени, а тоа за жал е многу често”, рекол експертот за интернет право и етика Eric Delcroix. “За неколку години, ако нивните фотографии не бидат отстранети, децата би имале можност за тужба против своите родители”, заклучил Delcоrix.
Moжеби целата оваа приказна звучи бесмислено, но ако малку подобро се размисли сепак постои логика. Приватноста на децата треба да се чува по секоја цена, секако дека родителите никогаш не посакуваат нешто да им се случи на своите деца, но непретпазливоста не е изговор за потенцијални проблеми. Така на овој начин во Франција законската платформа би можела да промени многу работи.