Американскиот државен секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност на Белата куќа Мајк Волц и специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф ќе ги претставуваат САД во разговорите со Русија, што ќе се одржат денес во Ријад. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и Јуриј Ушаков, советникот за надворешна политика на претседателот Владимир Путин ќе разговараат со американските претставници за подобрување на билатералните односи и преговори за ставање крај на војната во Украина. Сепак, претставник на Украина нема.
– Нема да учествуваме затоа што не знаевме ништо за тоа. Сметаме дека сите преговори за Украина без Украина се преговори без резултати и не можеме да признаеме какви било договори што се однесуваат на нас во кои не учествувавме, рече Зеленски, а пренесе Ројтерс.
Украинскиот претседател потврди дека оваа недела ќе престојува во официјална посета на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, но дека оваа средба не е поврзана со американско-руските преговори што ќе започнат во вторник во Ријад.
Франција синоќа свика итен состанок на земјите од Европската унија и Велика Британија за да одлучат како треба да реагираат лидерите на европските држави.
Се поставуваат бројни прашања зошто Саудиска Арабија е домаќин на највисоките американски и руски претставници во руско-украинскиот конфликт, а како можен одговор е целта да профитира од контроверзниот предлог на Трамп, САД да ја преземат сопственоста на Газа и трајно да ги преселат нејзините жители.
Фото: Associated Press