Комунистичката партија на Куба го откажа овогодинешното одбележување на Меѓународниот ден на трудот 1 мај во Хавана поради недостиг на бензин.
Претседателот, Мигел Дијаз-Канел изјави дека Куба добива само две третини од бензинот што му е потребен, а недостигот е последица на тоа што земјите снабдувачи не ги исполнуваат договорите, објави британски „Гардијан“.
Куба и Венецуела имаат договор за размена од 2000 година: Куба испраќа лекари, наставници и наводно контраразузнавачи во Венецуела во замена за сурова нафта.
Тој договор сега се чини дека пропадна. Извозот на Венецуела во Куба е намален за околу 50 отсто во текот на изминатата деценија, бидејќи севкупното производство на нафта се намали поради корупција, лошо управување и санкции.
Војната во Украина донесе нова динамика, а Вашингтон, откако ја санкционираше руската нафта и гас, минатиот ноември му даде дозвола на Шеврон да извезува венецуелска нафта во Америка за прв пат по години. Куба има многу сурова нафта на островот, но е со низок квалитет и рафинериите не можат да ја преработат. Венецуелската нафта со висок квалитет, се чини, сега оди во САД, пренесува Танјуг.