Skip to main content

Паника во црна гора

Дојави за поставени бомби во училишта и општини

Дојави за бомби се испратени на имејл адресите на десетици директори на основни училишта во Црна Гора, како и во неколку општини.
 |  инфодеск  | 
Дојави за бомби во Црна Гора

Дојави за бомби пристигнале во неколку училишта во повеќе градови во Црна Гора. Закани стигнаа и на адреси на општините.

Црногорското министерство за образование соопшти дека наставата во тие училишта е прекината, а учениците и вработените се евакуирани. Тие додаваат дека заканата за бомби стигнала до основното училиште „Саво Илиќ“ во Котор, до училиштата „Блажо Јоков Орландиќ“ и „Анто Ѓедовиќ“ во Бар.

Дојави за бомби добија и основните училишта „Вук Караџиќ“ и „Радомир Митровиќ“ во Беране, како и основните училишта во Петњица, Андријевица, Плав, Гусиње, Никшиќ и Колашин.

Полициската управа соопшти дека нивни припадници ги обезбедувале училиштата во кои пристигнале заканите за поставените бомби, вршат контрола и увид во објектите.

Управите и наставниот кадар на училиштата ги известиле родителите и активно соработуваат со полицијата.

Потребно е родителите да продолжат да бидат во комуникација со наставниот кадар и управите на училиштата за да продолжи наставниот процес по завршувањето на полициските активности – се вели во соопштението.

Закани за наводно поставени експлозивни направи пристигнале на адресите на општините Никшиќ, Бар и Беране.

Порталот Једро објави дека е евакуирана зградата на општина Бар, во која се сместени и судот, обвинителството, како и партиски простории.

Претседателот на општина Никшиќ ги повика граѓаните на смиреност, пишувајќи на Фејсбук дека е страшно некој на ваков начин да се заканува со човечки животи.

Како и во неколку основни училишта, така и општина Никшиќ доби дојава за поставена бомба со закани дека ќе бидат загрозени човечки животи. Веднаш постапивме за евакуација на луѓето од зградата, во соработка со ЦБ Никшиќ – рече Ковачевиќ.

Тој рече дека последен ја напуштил зградата на Општината, откако сите вработени биле евакуирани.

И во Беране е евакуирана зградата на Локалната самоуправа. Претседателот на општината Тихомир Богавац за „Вијести“ изјави дека објектот е евакуиран согласно препораките на полицијата.