Најмалку две лица загинаа, а десетици илјади домаќинства се без струја, откако силен тајфун ја зафати централна Јапонија, објави новинската агенција Кјодо, а пренесува Ројтерс.
Градот Шизуока, југозападно од главниот град Токио, бил тешко погоден од тајфунот Талас, проследен со силни ветрови и дожд. Од четвртокот се забележани рекордни 417 милиметри дожд од четвртокот, кога почнаа врнежите, соопшти Јапонската метеоролошка агенција.
Во центарот на тајфунот, ветрот дувал до брзина од околу 65 километри на час, а најсилните удари биле околу 90 километри на час.
Маж на возраст од 40 години настрадал во свлечиште, а 29-годишен маж загинал во автомобилска несреќа предизвикана од невремето.
Околу 120 илјади домаќинства останале без струја, соопшти фирмата снабдувач, додавајќи дека свлечиштето урнало два далноводи.
Во поголемиот дел домаќинства струјата се вратила, но 2800 сè уште се без електрична енергија. Се проценува дека ќе бидат потребни месеци за обнова на далноводите.
Јапонската железница ги обновува линиите на брзите возови, кои беа запрени од петокот вечерта поради невремето.
Метеоролошката агенција денеска ја намали јачината на тајфунот, но прогнозира продолжување на врнежите во Шизуока и повика на внимателност поради свлечишта и поплави.
Градот Јокохама, на околу 30 километри јужно од Токио, денеска издаде предупредување за евакуација на околу 3000 луѓе.