Турскиот претседател Таип Ердоган ја обвини Европската унија дека не работи доволно на решавање на кризата околу мигрантите кои ја погаѓаат неговата земја, сугерирајќи дека ЕУ е одговорна за ситуацијата на масовно давење на луѓе во Средоземното море.
Учествувајќи во расправата на еден воен институт во индонезискиот главен град Џакарта, Ердоган ја истакна политиката на Турција која прими два милиони бегалци и истовремено ја критикуваше ЕУ дека не може да излезе на крај со само 200.000 бегалци.
“Вкупно прифатени бегалци во Турција се 300.000 од Ирак и 1,7 милиони од Сирија”, рекол турскиот претседател и додал: “А кога станува збор за цела Европа гледаме дека не се способни да примат само 200.000 бегалци во своите земји”.
Досега Турција спаси многу бегалци кои се обидуваа да го преминат Средоземното море сакајќи да дојдат до Европа, додека ставот и политиката на ЕУ се такви да “луѓето завршуваат со давење во морето”.
Приливот на десетици илјади мигранти ги мобилизираше сите европски влади. Кон крајот на јуни европскиот самит заврши по бурна расправа со заклучоци за прифаќање и распределба на 60.000 мигранти во ЕУ на доброволна основа меѓу земјите членки кои ќе дадат свој допринос.
Спрема проценките на Меѓународната организација за мигранти, од почетокот на годината до 10 јули до Европа преку море стигнале 150.000 мигранти, половина во Италија , а другата половина во Грција, која бележи огромен пораст на нивни доаѓања.