Skip to main content

Флотилата „Глобал Сумуд“ навлезе во опасна зона, Италија ја повлече помошта

Флотилата се состои од повеќе од 500 луѓе, вклучувајќи ги италијански политичари и шведската активистка за климатски промени Грета Тунберг. Натоварена со хуманитарна помош, е дел од пошироките напори да се пробие долгогодишната израелска блокада, која сериозно ги влоши животните услови на населението во Газа.
 |  инфодеск  | 

Приватната флотила бродови „Глобал Сумуд“, што носат хуманитарна помош за Појасот Газа навлезе во област каде што ризикува да биде пресретната од израелските сили, објави Италијанската новинска агенција АНСА. Според АНСА, бродовите се приближуваа кон градот Газа, но не се запрени.

Италијанската влада и претседателот Серџо Матарела ја повикаа флотилата да го стопира патувањето за да не загрози животи. Властите во Рим ги повикаа активистите да ја прифатат понудата на Католичката црква да ја преземат задачата за транспорт на хуманитарна помош во Газа. Премиерката на Италија Џорџа Мелони, вчера повторно ја повика флотилата да го запре патувањето, бидејќи тоа може да го загрози планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Појасот Газа.

Италија и Шпанија испратија воени бродови минатата недела за да ја заштитат флотилата откако таа била нападната од дронови вооружени со шок-бомби и надразнувачи во меѓународните води покрај Грција. Израел не одговори на обвинувањата дека стои зад овие напади, но предупреди дека ќе преземе сѐ што може за да ги спречи бродовите да стигнат до Газа.