Skip to main content

Forbes ја објави листата на најбогати луѓе во светот

Во 2016 во светот има 1810 милијардери што е за 16 помалку од пред една година

 |  инфодеск  | 

Бројот на милијардери во светот оваа година, прв пат од 2009, е намален како и нивното богатство, а најбогат човек на светот и понатаму е Американецот Bill Gates, објави часописот Forbes.

Во 2016 година има 1810 милијардери, што е за 16 помалку од пред една година. Вкупното богатство со кое располагаат се намалило за 570 милијарди долари и сега таа сума изнесува 6489 милијарди долари, пишува Forbes.

Весникот објаснува дека прераспределбата на богатството во светот е последица на нестабилноста на берзите, намалувањето на цената на нафтата и силниот долар. Ова е видливо и во врвот на листата на најбогатите во светот каде само две имиња останале од оние од минатата година.

Bill Gates, соосновачот на Microsoft трета година по ред е прв на листата, а по седумнаесети пат е на листата во последните 22 години. Тежок е 75 милијарди долари и во однос на минатата година посиромашен е за 4,2 милијарди долари.

Сопственикот на Zara, Amancio Ortega го завзеде второто место со 67 милијарди долари во однос на 64,5 милијарди од минатата година, а трет е американскиот бизнисмен Warren Buffet со 60,8 милијарди долари што е а 11,9 милијарди помалку од лани.

Мексиканецот Carlos Slim кој држи монопол на телекомуникациите во Мексико падна од второто на четвртото место губејќи 27,1 милијарда долари, па сега располага со 50 милијарди долари и е најголем губитник на листата.

Богатството на основачот на Facebook, Mark Zuckerberg, оваа година се зголемило за 11,2 милијарди долари и сега изнесува 44,6 милијарди долари, а со тоа се искачи од 16 на 6 место на пописот најбогати луѓе.

Подобра година имал и Jeff Bezos, сопственикот на Amazon, кој од 15 место се помести на петто место со богатство од 45,2 милијарди долари.

Најбогата жена е Французинката Liliane Bettencourt , сопственичка на L’Oreal која е на 11 место со богатство од 36,1 милијарди долари.

Најмногу милијардери има во САД – 540, потоа во Кина – 251, во Германија се 120, во Индија 84, Русија 77, Хонг Конг 69, Велика Британија 50, Италија 43, Франција 39, Канада 33, Швајцарија 32 и Бразил 23.

Најмногу нови милијардери се забележани во Кина, 70.