Голем пожар целосно ја уништи зградата на „Вјесник“ во Загреб, еден од симболите на новинарството во поранешна Југославија. Пожарот избувнал синоќа половина час пред полноќ и се проценува дека гаснењето ќе трае и денеска цел ден.
Командантот на Јавната противпожарна бригада на Загреб, Синиша Јембрих, изјави дека пожарот се шири непредвидливо, што ја отежнува интервенцијата: „Штетата е голема. Иако поголемиот дел од зградата беше напуштен, внатре има простории полни со опрема и документи. Гаснењето ќе потрае, но се надеваме дека во текот на денот ќе го ставиме пожарот под контрола.“
Поради опасност од паѓање стакло и делови од фасадата, дел од пожарникарите биле повлечени од внатрешниот дел, но утрово успеале повторно да влезат во самиот објект. На терен се слуша пукање, паѓаат изгорени делови од изолацијата, а пожарникарските екипи ги гасат жариштата и на околните згради. Помага и дождот што паѓаше во текот на ноќта.
На местото на настанот пристигна и градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, кој изјави дека „штетата е тотална“ и дека пожарот постојано се разгорува. За министерот Бранко Бачиќ, кој исто така бил на терен, причините за пожарот засега остануваат непознати.
Иако претставува еден од препознатливите урбанистички симболи на градот, зградата некогаш била седиште на околу дваесет новинарски редакции, меѓу кои и „Вјесник“, еден од најзначајните дневни весници во поранешна Југославија. Нејзината постепена деградација започна по приватизацијата по независноста на Хрватска, а весникот целосно престана да излегува во 2012 година.