Состојбата во оваа јужноевропска држава и маките на тамошните жители последниве денови се главна тема на интернет заедницата, а освен финансиските проблеми, Грците се соочуваат и со ограничено користење на некои од најпознатите глобални сервиси.
Имено, корисниците на PayPal , услугите од Apple на iTunes како и услугите од App Store, во Грција не можат да вршат трансакции, т.е. да купуваат апликации или онлајн услуги од странство. Веројатно контролата на капиталот воведена од страна на тамошните власти наголемо се применува во сите сегменти, а колку ќе траат овие ограничувања не е познато. Освен купувањето на апликации по пат на App Store и купување преку eBay, оневозможено е и интернет плаќањето на сметки од странство.
Во меѓувреме, за помош на Грција покрената е “crowdfunding” кампања која во прв момент се чинеше дека е хит и би можела да биде клучно решение, но со оглед дека кампањата ќе трае само уште три дена а собрани се нешто помалку од 2 милиони евра, оваа алармантна состојба веројатно ќе потрае уште некое време.