Гутереш: Започна ерата на глобално вриење
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предупреди дека „дојде ера на глобално вриење“, бидејќи јули ќе биде најтоплиот месец досега забележан на Земјата.
„Климатските промени се на дело. Тоа е страшно. И тоа е само почеток. Заврши ерата на глобалното затоплување. Дојде ерата на глобално вриење“, изјави Гутереш пред новинарите во седиштето на ОН во Њујорк.
Тој рече дека веќе нема двоумење, изговори и чекање други да тргнат први, бидејќи нема време за тоа. Според податоците на Светската метеоролошка организација и Службата за климатски промени Коперник при Европската комисија, јули е на пат да биде најтоплиот месец досега. Податоците покажуваат дека највисоката температура на океаните за овој период од годината е забележана во јули.
Гутереш рече дека е можно да се ограничи зголемувањето на глобалната температура на 1,5 Целзиусови степени и да се избегнат најлошите климатски промени.
„Ни требаат амбициозни нови национални цели за намалување на емисиите од членките на Г20“, рече Гутереш.
Тој ги повика компаниите, градовите, регионите и финансиските институции да дојдат на самитот за клима со веродостојни планови за транзиција.
„Доказите се насекаде: човештвото го иницираше уништувањето. Ова не смее да предизвика очај, туку акција. Сè уште можеме да го запреме најлошото“, додаде тој.