Денот е петок 13ти, или познат меѓу народот како и „црн петок“. Овој ден многу време кај народот предизвикува несфатливо чувство на страв. На овој датум многумина се парализирани од страв. Некои се откажуваат од патување со авион, а некои и воопшто не патуваат.
За бројот 13 се врзуваат различни суеверија кои ја поврзуваат лошата среќа во својот живот. На пример, во некои авиони нема седишта со број 13, во некозгради нема кат со број 13, по 12-тиот кат следува 14-ти, а во многу хотели нема соби со овој број. Постојат и случаи во кои луѓето не сакаат да купат куќа со број 13, па така многу улици воопшто немаат куќи со овој број.
Луѓето кои имаат страв од петок 13 страдаат од параскаведекатриафобија.
Доналд Даси, основачот на центарот за фобии во Северна Каролина, САД, се сомнева дека стравот потекнува од нордиската митологија. Нордиската митологија е збир на митови, легенди и верувања во натприродни суштества. Проучувањата за оваа методологија упатуваат на тоа дека овие луѓе навистина постоеле и им биле дадени божествени особини. Според еден нордиски мит, постоеле 12 богови кои вечерале во Валхала – светата сала каде што се собирале сите нордиски херои кои починале. Меѓутоа еднаш додека вечерале, вечерата била прекината од 13-тиот гостин, злобниот бог Локи. Според легендата, Локи го изманипулирал богот на зимата да го убие неговиот брат, богот на летото. Оттогаш, луѓето почнале да го асоцираат бројот 13 со убиството кое се случило поради непосакуваниот 13-ти гостин.
Една од теориите зашто 13 е сметан за несреќен е и историјата поврзана со последната вечера, кога Јуда бил 13-тиот гостин. Многумина се обидуваат да избегнуваат да имаат точно 13 гости на трпезата, а некои веруваат дека тоа може да донесе несреќа.
Во поново време многу повеќе се оддава важност на датумот 13 октомври 1307 година, кога по наредба на францускиот крал Филип IV и папа Климент V биле затворени Жак Де Молеј, Големиот мајстор на Орденот на темпларите и илјадници рицари од орденот. Овие затвореници биле подложени на големи мачења, биле прогласени за кривоверци и секакви други прекршоци кои биле во спротивност со црквата во Рим. Така, многу од тие рицари биле изгорени на клада или екзекутирани. Од тој ден па натаму, петок 13-ти бил сметан за лош и несреќен ден.
Но, за среќа, не сите култури веруваат во тоа дека петок 13 е несреќен ден. Грците и Шпанците веруваат дека вторник 13-ти е несреќен ден, додека Италијаните веруваат дека петок 17-ти е најнесреќен ден.