Турската војска и сириските бунтовници што ги поддржува Турција ги протерале милитантите на Исламската држава од последниот дел на територијата која ја контролираше ИД по должината на сириско турската граница, пренесе новинската агенција Анадолија.
Во неделата вечерта опозициска Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон, повикувајќи се на свои активисти на теренот, објави дека Исламската држава ја загубила и последната своја територија кај сириско-турската граница која ја освоиле сириските бунтовници со поддршка на турските оклопни сили и воздушната поддршка на САД.
Со тоа Исламската држава останала и без последната врска со надворешниот свет вон границите на Сирија, откако курдските милиции со поддршката на САД по 21-месечни борби ги потиснаа џихадистите од голем дел од споменатата погранична област.