Skip to main content

Изборите во Турција – Победа која се смета за пораз

Пропаднаа сите планови на Ердоган

 |  инфодеск  | 

Партијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претрпе сериозен “пораз” на неделните парламентарни избори и го изгуби апсолутното мнозинство кое веќе 13 години го има во парламентот, со што се закопани сите негови надежи дека ќе ја зајакне власта во земјата.

Спрема официјалните податоци по пребројувањето на скоро сите гласачки ливчиња, 98%, исламско-конзервативната партија на правдата и развојот (AKP) очекувано победи, но освои само 41% од гласовите и 259 од 550 места во парламентот, поради што ќе мора да има коалициска влада.

Курдската Народна демократска партија (HDP) далеку го премина прагот од 10% за влегување во парламентот, освојувајќи 12,5% и 78 пратенички места. Досега тие имаа 29 пратеници кои беа избрани како независни за да се заобиколи прагот од 10%.

Другите два ривали на партијата на власт, Социјалдемократската Народна републиканска партија (CHP) и десната Партија за национална акција (MHP) добија 25,2% односно 16,5% или 131 односно 82 пратенички места.

AKP, победникот на сите избори од 2002 година, овој пат доживеа неуспех што е болен пораз за Ердоган кој изборите ги претвори во референдум за себе. Ердоган кој 11 години беше енергичен премиер, минатата година лесно беше избран за претседател и од тогаш сака да воведе претседателски систем и да ги прошири своите овластувања. За тоа да му успее, неговата партија треба да има барем 330 пратеници за да ги воведе тие реформи во уставот.