Skip to main content

По 7 децении крал на британскиот престол

Крунисување на британскиот крал Чарлс Трети

Чарлс Трети ќе биде 40-тиот владејачки монарх крунисан од 1066 година. Тој ќе остане запаметен како наследник со најдолг стаж во британската историја, откако помина седум децении како прв во редот за тронот.
 |  инфодеск  | 
Чарлс и Камила

Британскиот крал Чарлс денеска ќе биде крунисан во Вестминстерската опатија, на симболична церемонија која е комбинација на верска служба и народна прослава. Тој ќе биде 40-тиот владејачки монарх крунисан од 1066 година.

Чарлс ќе остане запаметен како наследник со најдолг стаж во британската историја, откако помина седум децении како прв во редот за тронот.
Чарлс е роден на 14 ноември 1948 година и стана прв во редот три години подоцна кога умре кралот Џорџ Шести, а престолот го презеде неговата мајка Елизабета Втора. Тој ја прекина кралската традиција кога реши да влезе на универзитет веднаш по училиште, наместо да се приклучи на војската, избра да студира археологија и антропологија на Кембриџ, пред да се префрли на историја. Кога наполнил 21 година, ја добил титулата Принц од Велс, а по универзитетот решил да служи во морнарицата, каде што се квалификувал да управува со хеликоптер и станал првиот член на кралското семејство што завршил курс за скокање со падобран. Во 1977 година ја запознал 16-годишната Дијана Спенсер, со која започнал врска три години подоцна. Тие официјално се разведоа во 1996 година, а таа почина една година подоцна во сообраќајна несреќа, заедно со нејзиниот тогашен партнер. Осум години подоцна се сврши со Камила.

Англиските монарси се крунисануваат во престолнината Лондон околу еден милениум. За ова време и со промената на кралевите и кралиците создадени се многу ритуали и протоколи кои денес ќе бидат дел и од крунисувањето на Чарлс Трети и неговата сопруга Камила. Некои од нив се стари речиси колку и самата церемонија на крунисување, додека други се модерни.

Британските медиуми пишуваат дека има некои лични врски помеѓу кралот и датумот на крунисувањето. Имено, на 6 мај е роденден на неговиот внук Арчи Харисон Маунтбатен-Виндзор, најстариот син на принцот Хари и Меган Маркл, кој е роден во 2019 година. Тоа е и годишнина од смртта на неговиот прапрадедо, кралот Едвард Седми, кој починал во 1910 година. Чарлс Трети очигледно не сакал религиозен датум за своето крунисување исто како и мајка му која се одлучила за летно крунисување. Елизабета Втора беше крунисана на 2 јуни 1953 година во Вестминстерската опатија.

Кралското семејство поседува неколку круни. Кралот Чарлс Трети за крунисувањето ја избра „Круната на Едвард“. Таа е најстарата од британските кралски круни, направена во 1661 година, а првпат ја носел кралот Чарлс Втори. Оваа круна ја заменила средновековната круна, која била стопена во 1649 година. Од 1649 до 1661 година Англија накратко станала република, предводена од диктаторот и воен лидер Оливер Кромвел. Бунтовниците продале многу од кралскиот накит и го стопиле златото.

По обновувањето на монархијата (т.н. „Реставрација“), морало да се направи нова круна која во многу нешта наликувала на претходната. Според фондацијата Труст на кралската збирка (Royal Collection Trust), круната тежи околу два килограми, украсена е со рубини, аметисти и сафири и е направена од чисто злато. Нејзината вредност се проценува на околу 36 милиони евра. „Круната на Едвард“ пред Чарлс ја носеше неговата мајка, Елизабета Втора.

Утре, ден по крунисувањето, во замокот Виндзор ќе се одржи концерт. Се очекуваат големи ѕвезди како Лајонел Ричи, Кејти Пери и оперскиот пејач Андреа Бочели, кој ќе пее дует со велшкиот колега Сер Брин Терфел. Британската поп група Тејк дет доаѓа со три свои члена – без Роби Вилијамс и Џејсон Оринџ – а доаѓа и пејачката и текстописец Фреја Ридингс и велшкиот соул композитор и продуцент Алексис Френч.