Skip to main content

Меѓународен аеродром

Лажна дојава за бомба во авион на летот Рим-Приштина

Инцидентот не предизвикал доцнење на другите летови и работата на аеродромот набргу се нормализирала. Во авионот имало околу 200 патници.
 |  инфодеск  | 
Лажна дојава за бомба

Меѓународниот аеродром во Приштина синоќа добил закана дека во авионот кој летал од Рим кон косовската престолнина е подметната бомба, меѓутоа се испоставило дека дојавата е лажна, јави дописникот на МИА од Приштина.

Полициските власти информираа дека по приемот на дојавата, која стигнала во време додека авионот бил во лет, била извршена контрола на авионот и на сиот багаж на патниците кои биле во него.

Информацијата предизвикала вознемиреност кај патниците, но нивната здравствена состојба била добра и набргу ситуацијата се смирила, објави шефот на полицијата на аеродромот „Адем Јашари“, Шпенд Малиќи.

Околу 22 часот добивме информација за закана со бомба на летот од Рим за Приштина. Веднаш одговоривме со сите релевантни единици. Патниците беа евакуирани и беше извршена контрола на авионот и на багажот, при што не е откриено ништо – изјави Малиќи за косовските медиуми.

Според него, во авионот имало околу 200 патници. Инцидентот не предизвика доцнење на другите летови и работата на аеродромот набргу се нормализирала.

Изминатите недели имаше неколку лажни дојави за подметнати бомби во зградата на ректоратот на државниот универзитет „Хасан Приштина“, како и во едно средно училиште во косовскиот главен град.