Лажни дојави за бомби повторно ја вознемирија Европа, најмалку 15 авиони биле мета на закани

Нов бран лажни дојави за поставени бомби предизвика сериозни нарушувања во авиосообраќајот низ Европа. Најмалку 15 патнички авиони денеска, 5 ноември, биле мета на закани, поради што дел од летовите биле пренасочени, а во неколку случаи биле ангажирани и воени борбени авиони за нивна придружба.
Меѓу погодените авиокомпании се „Рајанер“, „Визер“, „Финаир“, „ЛОТ“ и „Аер Лингус“, а инцидентите биле пријавени во Франција, Италија, Бугарија, Чешка, Белгија и други европски земји. Еден од посериозните случаи се случил со авион на „Аер Лингус“, кој летал од Даблин кон Рим, но по добиена дојава бил пренасочен кон француската воена база Евре. Во авионот имало 151 патник и шест членови на екипажот, кои биле безбедно евакуирани.
Борбени авиони на француското воено воздухопловство го придружувале леталото до местото на слетување, додека италијански воени авиони биле ангажирани за придружба на лет од Хелсинки кон Рим. Дополнителни безбедносни мерки биле преземени и во Бугарија, каде три авиони на „Рајанер“, кои летале кон Софија од Мадрид, Копенхаген и Лондон, биле опфатени со дојави. Летот од Лондон бил пренасочен кон Пловдив.
Безбедносни проверки биле спроведени и на четири авиони на аеродромот во Прага, како и на други летови кои сообраќале кон европските дестинации. Досегашните проверки не откриле експлозивни направи или сомнителни предмети, а патниците и екипажите безбедно ги напуштиле авионите.
Ова не е изолиран случај. Слични дојави имало и во текот на изминатите денови, кога повеќе европски авиокомпании беа принудени да ги менуваат планираните рути, да вршат вонредни слетувања и да ги проверуваат леталата. Според досегашните информации, повеќе од 20 вакви лажни дојави биле регистрирани во Европа во текот на неделава.
Европските безбедносни служби ги истражуваат случаите, но засега нема официјална потврда дали сите закани се меѓусебно поврзани, ниту кој стои зад нив. Европскиот комесар за транспорт, Апостолос Цицикостас, потврди дека е активиран механизмот за размена на информации за безбедноста во воздушниот сообраќај меѓу земјите членки. Иако досегашните проверки не потврдиле реална опасност, повторените дојави предизвикуваат сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај, дополнителни трошоци за авиокомпаниите и вознемиреност кај патниците.








