Реставрацијата на автобусот од култниот филм “Ко то тамо пева” започна во просториите на загрепскиот Јадран филм, а по темелната обнова и враќање на автобусот во состојба во каква беше за време на снимањето во 1980 година, се планира турнеја по државите на поранешна Југославија.
Спрема зборовите на претседателот на Управниот одбор на Јадран филм, Винко Грубишиќ, носителот на проектот, за обновата на автобусот Мерцедес од 40-те години на минатиот век постои голем интерес во јавноста, но и заинтересирани инвеститори за обнова, изнајмување и турнеја.
“Направивме план за обнова, планираме да го поставиме на тркала и да го доведеме во возна состојба со кој ќе направиме турнеја по регионот. Полното име на проектот не можам да го откријам, но работниот наслов му почнува со “Тко нас…”, истакнува Грубишиќ, наведувајќи дека турнејата би можела да тргне кон крајот на завршување на сезоната. Во тој проект, спрема неговите зборови, ќе учествуваат и големи имиња од Хрватска и соседните земји, кои сеуште не ги открива.
“Нашиот автобус на кој сеуште стои натписот “Крстиќ и син”, е идниот шатл кој во центарот на Загреб ќе превезува гости на филмските проекции и случувањата во кино клубот Јадран филм”, истакнува Грубишиќ. Запрашан дали ќе распише оглас за возач, наследник на легендарниот “Мишко” кој може да вози со затворени очи, Грубишиќ одговорил дека и тоа е една од опциите која ќе се земе во предвид.
“Симболично кажано, во последните 20 години некој навистина вози на овие простори со затворени очи”, вели Грубишиќ.
Филмот “Ко то тамо пева” е комедија од 1980 година кој го режираше Слободан Шијан. Тоа е повеќеслојна приказна за трагикомичните незгоди на патниците во дотраен автобус што во предвечерието на војната во 1941 година вози од српска провинција кон Белград, но и скриена алегорија за малограѓанското лицемерие во моменти на општествена криза. “Ко то тамо пева” во кој глумеа Павле Вуисиќ, Данило Бата Стојковиќ, Драган Николиќ, Неда Арнериќ и останатите стекна култна репутација и ден денес се смета за еден од најдобрите српски, но и филмови од поранешна Југославија.