Германската авиокомпанија Луфтханза откажа повеќе од 1.000 летови во и од своите центри во Франкфурт и Минхен во наредните денови поради штрајк.
Околу 134.000 патници ќе бидат погодени од откажувањата меѓу вторник и петок, соопшти авиопревозникот.
Верди, еден од најголемите германски синдикати, ги повика околу 20.000 вработени во Луфтханза од копнениот персонал, како техничари, логистичари и други без кои авионите не можат да полетаат, да одржат еднодневен штрајк во среда со цел да се засили притисокот во тековните преговори за платите.
Верди“ ја одби првата понуда на Луфтханза, а преговорите беа договорени за 3 и 4 август.
Синдикатот бара зголемување од 9,5 отсто, а предупредувачкиот штрајк ќе се одржи во среда од 03:45 до 6 часот во четврток.
На штрајк повикани се вработените на аеродромите во Франкфурт, Дизелдорф, Келн, Хамбург, Минхен, Берлин, Бремен, Хановер, Штутгарт.
Луфтханза оцени дека штрајкот е неприфатлива мерка за патниците, а штрајкот што ги покрива сите аеродроми не може, велат, да се смета за предупредувачки штрајк.