Претседателот на Венецуела Николас Мадуро утре ќе се појави првпат пред федерален суд на Менхетен во Њујорк, најавуваат официјални лица во САД. Мадуро, заедно со неговата сопруга Силија Флорес се во притвор во затворски центар во Њујорк откако беше заробен за време на американски напад врз Венецуела во саботата. Тие беа однесени од главниот град Каракас во Метрополитен притворниот центар во Бруклин за да се соочат со обвиненија поврзани со трговија со дрога и оружје. Тој претходно негираше дека е водач на нарко-картел.
Во обвинението се наведува дека Мадуро и неговите сојузници со години ги претвориле венецуелските државни институции во центар на корупција поттикната од трговијата со дрога, дејствувајќи исклучиво во сопствен интерес. Според Министерство за правда на САД, највисокиот државен врв на Венецуела со децении бил вклучен во масовен шверц на наркотични средства.
-Повеќе од 25 години, лидерите на Венецуела ги злоупотребувале позициите на јавна доверба и ги корумпирале некогаш легитимните институции за да внесат тони кокаин во Соединетите Американски Држави, се наведува во обвинението, при што како главен организатор е посочен токму Мадуро.
Во притворниот центар во Њујорк биле сместени неколку познати затвореници, вклучувајќи го и раперот Шон Диди, Сем Бенкман-Фрид, Брајан Томпсон.
Инаку, сликите од Мадуро со лисици на рацете на американско тло предизвикаа силни реакции меѓу Венецуелците во дијаспората. Ниурка Мелендес, коосновачка на организацијата „Venezuelans and Immigrants Aid“ од Њујорк, изјави за CNN дека сцените кај неа разбудиле силни и спротивставени емоции. Таа нагласи дека во Венецуела и натаму има политички затвореници и луѓе кои живеат во страв, но оцени дека апсењето на Мадуро претставува чекор кон правда.
-Нашата земја е во хаос. Ја изгубивме државата и сега повторно се обидуваме да ги составиме парчињата. Знам дека тоа ќе биде исклучително сложен и тежок процес, изјави таа, изразувајќи надеж дека судскиот процес ќе биде почеток на обновата на земјата.