Skip to main content

Неисправни сопирачки

Мерцедес повлекува околу милион автомобили

Mercedes-Benz повлекува речиси милион постари автомобили од целиот свет поради можни проблеми со засилувачот на сопирачките.
 |  инфодеск  | 
Мерцедес бенц

Германскиот производител на автомобили „Мерцедес-Бенц“ повлекува речиси милион постари возила ширум светот поради можни проблеми со сопирачките, пишуваат медиумите во светот.

Компанијата во текот на викендот соопштила дека ќе контактира со сопствениците на одредени автомобили бидејќи нивните сопирачки можеби биле погодени од корозија. Повлекувањето се однесува на вкупно 993.407 возила, од кои 70.000 се во Германија, пишува Би-би-си.

Според написите, „Мерцедес“ повлече сличен број автомобили минатата година поради безбедносен проблем со нивниот систем за итни повици. Минатиот февруари, компанијата, според новинарските анализи повлече повеќе од милион автомобили поради дефект во поставката „eCall“, која ги предупредува службите за итни случаи за несреќа и ја пренесува локацијата на возилото.

Компанијата соопшти дека возилата во ова повлекување биле произведени помеѓу 2004 и 2015 година и припаѓаат на сериите ML и GL на теренци и луксузни мини комбиња од класата R.

Утврдивме дека кај некои од овие возила сопирачките може да бидат зафатени од корозија во пределот на куќиштето. Постои можност особено силен маневар на сопирање да предизвика механички оштетувања на засилувачот на сопирачките – соопштија од „Мерцедес“ пренесуваат медиумите во регионот.

„Во тој случај, не би било можно да се забави возилото, што би го зголемило ризикот од судир или повреда“, појасниле оттаму.

Од „Мерцедес“ соопштиле дека веднаш ќе започнат со повлекување на возилата и дека процесот ќе вклучува проверка на потенцијално неисправните автомобили и замена на делови, пишуваат медиумите.