Skip to main content

Microsoft и Facebook ги поврзуваат Америка и Европа со нови кабли

Со оглед на тоа дека потребите се сѐ поголеми ИТ џиновите решија да превземат мерки

 |  инфодеск  | 

Експанзијата на интернетот, сѐ поголемите брзини на пристап, сѐ покомплексните услуги и сѐ поголемиот број на корисници се параметрите кои секогаш мора да се решаваат одново. Многумина се уверени дека порано или подоцна се заканува “гушење” на пристапот на интернет, што би било рамно на катастрофа за многу компании и стопанства. Еден од темелите на модерниот интернет се таканаречените транс-атлантски кабли кои поврзуваат пристапни точки и центри за податоци во северна Европа со оние во САД. Длабоко под површината на Атлантскиот океан всушност се наоѓа клучот на модерниот интернет.

Со оглед на тоа дека потребите се сѐ поголеми ИТ џиновите решија да превземат мерки, па така Facebook и Microsoft се здружија за да положат нови кабли, кои ќе бидат долги 6.600 километри во Атлантскиот океан, со капацитет од неверојатни 160 ТераБајти по секунда. Токму таа врска од 160 Tbps би требало да осигура многу постабилен пристап на интернет за сите. Променета е и праксата подводните кабли по правило да одат од подрачјето на Њујорк кон пристапните точки на северна Европа. Проектот MAREA, како што е наречено новото положување на кабли, ќе оди од Вирџинија Бич во САД (токму во Вирџинија е најголемиот број на центри за податоци) до Билбао во Шпанија.

За положувањето на каблите ќе биде задолжена ново основаната компанија Telxius, во сопственост на познатата шпанска телекомуникациска групација Telefonica.

Проектот MAREA ќе започне во август оваа година, а сѐ би требало да биде готово во октомври 2017 година кога би требало да протече интернет со брзина од 160 Tbps.