Microsoft неодамна ја објави новата верзија на својот оперативен систем Windows, кој на пазарот ќе се појави следната година под името Windows 10. Членовите на Windows Insider програмата имаат прилика да ја испробаат новата верзија, да се служат со неа и на Microsoft да му ги пријавуваат грешките и проблемите.
Ова е одличен начин за добивање повратна информација од крајниот корисник, инаку вообичаена пракса во светот на алтернативните системи како Linux, и конечно, отстварување на вистинска колаборација помеѓу компанијата и корисниците.
Многумина веднаш истрчаа да го пробаат новиот Windows, меѓутоа како и секогаш, никој не ги чита “малите букви” во случајов договорот за приватност – една од оние работи кога најчесто само притискаме “прифаќам” и продолжуваме понатаму.
Очигледно има поединци кои читаат па така екипата на онлајн магазинот theinquirer дошла до интересни информации.
Имено, тест изданието на Windows 10 ги собира сите можни информации за вас, што секако има смисол, но овој пат границата е помината предалеку. Во Редмонд се праќаат податоци за сите уреди кои ќе ги приклучите на компјутерот со Windows 10, начинот на кој ги користите, податоци за апликациите, мрежите на кои сте приклучени, вашето име, вашата електронска пошта, професија, пребарувањето што го правите преку web, историјата на прегледување на интернет, историјата на пребарувањето на вашиот компјутер, повици и смс, начинот на уредување на уредите и начинот на користење на апликациите.
Ако помисливте дека ова е премногу радикално тогаш ќе се изненадите дека Microsoft отишол уште понатаму.
Со прифаќањето на договорот за тест користење кој е неопходен за инсталација на оперативниот систем, му допуштате на Microsoft практично да ја прислушкува и просторијата по пат на микрофон, користејќи го говорот во текст функцијата (со оправдување дека се подобрува работата на наведената функција). Треба да се напомене и дека се надгледува секоја отворена датотека и се собираат информации внесени по пат на тастатурата, вклучувајќи ги и приватните разговори.
Сето ова што е наведено може да се искористи за следење на вашата работа на компјутерот во реално време или со други зборови исто како некој да седи зад вас додека ги извршувате секојдневните активности на вашиот компјутер.
Секако, оваа верзија е во тест фаза, а податоците од овој вид се многу корисни за подобрување на системот и очекувано е овие податоци да се собираат во некоја база на податоци, но останува впечатокот дека овој пат Microsoft малку претерал кога се работи за приватноста на корисниците.
{loadposition content9}