Милионер близок на рускиот претседател Владимир Путин пронајден е мртов во хотел во Вашингтон, извести ABC News, повикувајќи се на американски и руски официјални лица.
Поранешниот руски министер за комуникации Михаил Лесин, кој опозицијата го обвинуваше дека ги замолчува медиумите, пронајден е мртов во хотелот The Dupont Circle.
Американските власти ја известиле за ова руската амбасада во Вашингтон и властите на двете земји се обидуваат да ги расчистат околностите во кои Лесин умрел. Полицијата во Вашингтон известила само за смртниот случај во хотелот не сакајќи да открива детали поради истрагата која е во тек.
Лесин ја финансираше Russia Today, медиумска куќа која емитува на англиски јазик и која го поддржува Путин и руската влада, а која тврди дека сака “да даде поинаква перспектива на големите случувања во светот” од “руско гледиште”.
Републиканскиот сенатор од Мисисипи, Roger Wicker, побара во јули 2014 сојузна истрага за Лесин за да се истражи перење на пари во САД и дали Лесин е во контакт со лицата кои се под американски санкции.
Лесин беше руски министер за комуникации помеѓу 1999 и 2004 година, а потоа беше советник на Путин во создавање на медиумската куќа Russia Today и главен директор на медиумската куќа на рускиот нафтен гигант Gazprom.