Skip to main content

Москва и Киев се напаѓаат со дронови

Oколу десет беспилотни летала биле соборени на приодите кон Москва. Додека пак, утрово украинските сили за воздушна одбрана уништија повеќе од 20 беспилотни летала во воздушните напади на Русија врз Киев.
 |  инфодеск  | 
dronovi KIEV

Во напад со беспилотни летала погодени се најмалку две станбени згради во Москва, со „мали“ оштетувања и без сериозно повредени, изјави рано утринава градоначалникот на руската престолнина Сергеј Собјанин.

Руската државна новинска агенција РИА објави дека некои жители на зградите на улицата „Профсојузнаја“ во јужниот дел на Москва се евакуирани.

Неколку руски канали за пораки Телеграм објавија дека околу десет беспилотни летала биле соборени на приодите кон градот.

И гувернерот на Московската област Андреј Воробјов изјави дека противвоздушната одбрана на градот била многу активна:  „На приодите кон Москва, беа соборени неколку дронови“, истакна Воробјов.

Денеска во раните утрински часови Русија започна нов бран напади врз Киев, при што најмалку едно лице загина, а четворица се повредени.

Рано утрово украинските сили за воздушна одбрана уништија повеќе од 20 беспилотни летала во воздушните напади на Русија врз Киев , соопштија денеска украинските воени власти.

Шефот на воената администрација на Киев, Серхи Попко, на апликацијата за пораки Телеграм напишал дека Русија го извршила нападот користејќи само беспилотни летала Шахед од иранско производство.