Skip to main content

МТВ ги гаси музичките канали

Каналите MTV Music, MTV 80s, MTV 90s, Club MTV и MTV Live ќе престанат со емитување музика на 31 декември 2025. Брендот MTV ќе продолжи преку дигитални платформи и значајни настани како VMAs и EMAs. Но, на последниот ден од 2025 година, музичката телевизија како што ја познаваа генерациите ќе престане да постои.
 |  инфодеск  | 

Компанијата „Парамаунт Глобал“ објави дека ќе затвори пет музички канали со брендот МТВ во Велика Британија и Северна Ирска до 31 декември 2025 година, со што ќе заврши речиси три децении емитување на тој пазар. Станува збор за каналите MTV Music, MTV 80s, MTV 90s, Club MTV и MTV Live. 

Кога каналот започна со работа во 1981 година, првата песна што ја емитуваше беше „Video Killed the Radio Star“. Со тоа, МТВ ја најави својата револуција – ерата кога визуелниот аспект на музиката стана подеднакво важен како и звукот. Со децении, МТВ беше неприкосновен креатор на музички трендови и ѕвезди.

Одлуката, како што велат од компанијата, е резултат на драматичната промена во начинот на консумирање музика – денес публиката слуша преку YouTube, Spotify и социјалните мрежи, додека линеарната телевизија губи на значење.

Главниот канал на МТВ ќе продолжи со работа, но фокусот ќе биде на ријалити програми, серии и забавни формати, а не на музика – она по што МТВ беше препознатлив симбол на една цела генерација.

„Парамаунт Глобал“ планира да ги затвори своите музички канали на MTV во неколку земји, вклучувајќи ги Австралија, Полска, Франција и Бразил, како дел од поширока стратегија за намалување на трошоците што вклучува намалување на трошоците за до 500 милиони долари низ целото глобално портфолио, според медиумските извештаи во тие земји.