Просечната светска температура достигна нов максимум во понеделникот на 3-ти јули и првпат надмина 17 степени Целзиусови, објави во средата BBC.
Американските истражувачи рекоа дека новиот рекорд е највисок во однос на која и да е скала на мерења која се спроведвуа од крајот на XIX век.
Научниците веруваат дека топлината е предизвикана од комбинација на природен временски феномен познат како Ел Нињо и емисиите на јаглерод диоксид.
Научниците од американскиот Национален центар за предвидување на животната средина соопштија дека на 3-ти јули просечната глобална температура достигнала 17,01 Целзиусови степени, соборувајќи го претходниот рекорд од 16,92 Целзиусови во август 2016 година.
Потврдено е и дека минатиот месец бил најтоплиот јуни досега во светот.
Научниците се загрижени поради порастот на температурата и на копното и на морето од почетокот на оваа година. Тие веруваат дека како што летото напредува и Ел Нињо се засилува, временските услови ќе се влошуваат.
„Шансите се дека јули ќе биде најтоплиот досега: ‘некогаш’ значи уште од Еемскиот период пред околу 120.000 години. Иако температурите на јужната хемисфера малку ќе се намалат во следните неколку дена, шансите се дека ќе има уште потопли денови во јули и август, бидејќи Ел Нињо сега е во полн ек. “ – вели Карстен Хаустејн од Универзитетот во Лајпциг.
Па дури и на Антарктикот, каде моментално е зима, беа регистрирани аномално високи температури.
„Ова не е пресвртница која треба да ја славиме. Ова е смртна казна за луѓето и екосистемите“, вели климатскиот научник Фридерике Ото од Институтот за климатски промени и животна средина на британскиот Империјал колеџ во Лондон.