Поради поскапувањата Хрватите се спремаат за масовен бојкот на продавниците

Во Хрватска се шири повикот за масовен бојкот на продавниците поради рекордни цени. Со порака на социјалните мрежи се повикуваат граѓаните да не купуваат ништо во продавниците и бензинските пумпи во петок на 24 јануари.
Во пораката која повикува на организиран бојкот на шопинг на 24 јануари се вели:
„Одговорете на бојкотот! Не одете во продавници тој ден. Не купувајте ништо (освен ако не е итен случај). Одолејте се на силниот порив да купувате во име на повисока цел. Нека бидат (полу)празни дуќаните во петок 24.01.2025. За доброто на сите нас!“
„Десет проценти од луѓето да бојкотираат тоа е огромна загуба за малопродажните синџири и нема да изгубите апсолутно ништо тој ден, но тие ќе изгубат“, се вели во пораката во која се повикуваат потрошувачите да бојкотираат.
„Можете да купувате и ден пред и ден потоа. Во петок на 24.01.2025 не одете по продавници. Нека биде како да е недела, или празник, „не пазарен“ ден. Ќе го преживееме тој еден ден ама ќе ја покажеме моќта на потрошувачите. Не е исто да имаш пензија од 380 евра, или 900 евра како градежен работник, или пак повеќе илјади евра и така да го „почувствуваш“ поскапувањето на храната, покуќнината и услугите. Не е исто да доживееш зголемување на платата од 7 отсто на 700 евра и 7 отсто на 4.000 евра. Ниту пак исто се доживува официјална инфлација од „само“ 3,4 отсто, а која е всушност највисока во Европа!
Нека петок, 24 јануари 2025 година, биде ден за предупредување за сите оние кои мислат дека хрватските потрошувачи се „овци за стрижење“, се вели во еден од низата апели за бојкот.
Според RTL, зад повикот за бојкот стојат неколку хрватски здруженија на потрошувачи, а целта е да се стави крај на високите цени кои се очекува дека ќе продолжат да растат.
Latest Свет
