Skip to main content

Масакар во основно училиште во Белград

Началник на белградската полиција: Момчето имало план и список за отстрел

Една ученичка со тешки повреди на главата и наставничката со прострелни рани во стомакот се борат за живот, другите со прострелни рани во екстремитетите се на интензивна нега во стабилна состојба.
 |  инфодеск  | 
Прес во Влада на Србија

14-годишниот Коста К. седмооделенец, утрово влегол во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во белградската општина Врачар, и со пиштол почнал да пука во учениците што биле на час по историја. 8 ученици, седум девојчиња и едно момче биле смртно ранети. Чуварот се обидел да ја спречи трагедијата, по што и тој бил убиен. Шест деца и наставничката по историја биле повредени. Една ученичка со тешки повреди на главата и наставничката со прострелни рани во стомакот се борат за живот, другите со прострелни рани во екстремитетите се на интензивна нега во стабилна состојба.
Ученикот по смртоносниот поход се јавил во полиција и го пријавил пукањето.

Шефот на полициската управа за град Белград, Веселин Милиќ, изјави дека делото било однапред испланирано. Милиќ на јавноста ѝ покажа и список што го составил ученикот, а на кој се наоѓале имињата на децата што планирал да ги убие.

„Ова е планирано веќе еден месец. К.К. долго време го планирал, не го откри мотивот. Го зел огненото оружје од станот на татко му и го донел со четири молотови коктели. К.К. имал скица од училиштето и список на деца што планирал да ги ликвидира. Самиот направил план на влезот и излезот од училиштето и поставил приоритетни цели. Обележал кого од кој клас ќе го ликвидира со бројки“, рече Милиќ.

Братислав Гашиќ, министер за внатрешни работи, на прес-конференција во Владата на Србија изјави дека е уапсен и таткото на момчето.

„Двата пиштоли, оној во ранецот и оној со кој е извршено ова кривично дело, биле во легална сопственост на таткото на момчето. Тврди дека биле заклучени во сеф, под шифра, има неколку оружја, од 2016 и 2017 година, но очигледно детето имало шифра за тие пиштоли и три полни рамки со по 15 куршуми. момчето често одело на стрелиште со својот татко. – рече Гашиќ.

Министерот за образование Бранко Ружиќ нападот во Рибникар го нарече „ѕверски чин“ и „најголемата трагедија што ја снајде Србија и образовниот систем во поновата историја“.

„За жал, Србија е дел од светот каде се почесто се случуваат вакви работи. На сите ни е јасно дека ни треба голем пресврт за оваа трагедија да не се претвори во општествено посакуван модел на однесување“, рече Ружиќ.

Наставата денеска беше прекината во попладневната смена, а утре ќе започне со едноминутно молчење. „Никој не може да ги врати децата на нивните родители“, рече министерот, прогласувајќи тридневна национална жалост, од 5 до 7 мај.