Skip to main content

Ким Џонг-ун ја ангажира војската

Над милион ковид случаи во Северна Кореја

Бројот на заразени со ковид 19 во Северна Кореја е 1 213 550, додека до вчера биле пријавени 50 починати лица.
 |  инфодеск  | 
Ковид пациенти

Севернокорејскиот водач Ким Џонг-Ун ѝ нареди на војската да ја стабилизира дистрибуцијата на лековите за ковид-19 во главниот град Пјонгјанг во борбата против првото потврдено жариште на болеста во земјата, објавија државните медиуми.

Минатата недела дојде првото признание на Северна Кореја за „експлозивната“ епидемија откако тој повеќе од две години тврдеше дека кај нив нема зараза. Експертите предупредуваат дека ова би можело да предизвика многубројни проблеми во земјата со ограничени медицински резерви и без програма за вакцинација.

Лековите што ги набави државата не стигнуваат до луѓето на законски и правилен начин, рече Ким на итниот состанок на Политбирото во неделата, пред да ги посети аптеките во главниот град, објави државната новинска агенција КЦНА.

Ким Џонг Ун

Ким нареди итно распоредување на моќни воени сили за да се стабилизира снабдувањето со лекови во Пјонгјанг. Иако властите наредија распределба на националните резерви на лекови, аптеките не беа добро снабдени за непречено вршење на своите функции.

Ким Џонг-Ун го критикуваше и „неодговорниот“ однос на владата и на јавното здравство спрема работата, организацијата и извршувањето.

Соседна Јужна Кореја нема да штеди напори за да му помогне на Северот во борбата против епидемијата, рече претседателот Јун Сук-Јеол денеска во парламентот, додавајќи дека е спремна да му даде вакцини против ковид-19 и друга медицинска помош, ако се согласи Пјонгјанг.

Бројот на заразените со ковид-19 во Северна Кореја изнесуваше 1.213.550 лица со 50 смртни случаи до вчера.