Skip to main content

Брисел

НАТО и ЕУ потпишаа декларација за поблиска соработка

Столтенберг изјави дека соработката на алијансата со Европската Унија во моментот е поважна од кога било поради руската инвазија на Украина.
 |  инфодеск  | 
Нато Еу

Официјални лица од Европската унија и НАТО се согласија да ја „зајакнат“ нивната соработка за безбедност и поддршка на Украина додека се бори да ја одбие руската инвазија.

Заедничката декларација за соработка НАТО-ЕУ, потпишана денеска во Брисел, има за цел да ја подобри соработката и да ја заштити критичната инфраструктура, како и да одговори на безбедносните импликации предизвикани од климатските промени, странското мешање и кампањите за дезинформација – изјави шефот на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Мораме да продолжиме да го зајакнуваме партнерството меѓу НАТО и Европската унија и мора дополнително да ја зајакнеме нашата поддршка за Украина. Претседателот на Русија Владимир Путин сакаше да ја земе Украина за неколку дена и да не подели. И по двете точки, тој очигледно не успеа“, додаде тој.

Откако Москва ја започна својата неиспровоцирана инвазија врз Украина во февруари минатата година, западниот безбедносен сојуз и ЕУ вложија милијарди долари во Украина за да ги поддржат напорите на Киев да ја одбрани земјата. Инвазијата предизвика пошироки безбедносни грижи ширум Европа, притискајќи ги Финска и Шведска да брзаат да му се приклучат на НАТО.

Ние сме решени да го подигнеме партнерството меѓу НАТО и ЕУ на следното ниво – рече Столтенберг.

Претходно денеска, еден од најблиските сојузници на Путин, секретарот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев оцени дека битката не е меѓу Киев и Москва, туку меѓу Москва и Западот кој се обидува да ја распарчи Русија и да ја „избрише“ од политичката карта на светот.